октомври 8, 2017

Охрид, 8. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид заслужува да свети во полниот негов сјај. Охриѓани и туристите заслужуваат нови места за рекреација на современ и модерен начин, порача на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Митко Тилевски.

– Уредувањето на зелените површини во корелација со подигнување на свеста за зачувување и одржување на јавните паркови и зеленила, резултираат со формирање на пријатни катчиња за одмор и релаксација на граѓаните и туристите од сите возрасни групи. Со уредување на нови и одржувањето на постојните паркови придонесуваме за поубав и позелен лик на градот, истакна Тилевски и додаде дека во функција на обезбедување подобри услови за економски одржлив развој и инвестиции, а истовремено заштита и унапредување на животната средина, капацитетите за време на неговиот мандат ќе ги насочи кон следниве проекти:

– Изградба на велосипедска патека Охрид – „Свети Стефан“
Проект кој ќе овозможи безбедно движење на велосипедистите на потегот од излезот од градот до туристичката населба „Свети Стефан“  (подоцна со изработка на проект ќе се утврди можноста оваа патека во втора фаза да биде изградена до Пештани). Со оваа патека, охриѓани и гостите ќе имаат можност да го користат своето време активно, практикувајќи здрави навики за возење велосипед. Оваа мерка е во корелација со мерката за субвенционирање на купување на велоспидед.

Партерно уредување, изградба на пешачки и велосипедски патеки:
– Изградба на патека од Пристаниште до Канео и Лабино

Патеката ќе претставува ново обележје на Охрид и нова можност за рекреација. Тоа повлекува и:
– Реконструкција на бедемските ѕидови над плажа Лабино
– Завршување на бедемските ѕидови и патека од источната страна на Тврдината и изградба на пешачка патека околу целиот комплекс
– Стар град – Реконструкција и изградба на потпорни ѕидови и улици
– Стар град – пешачка патека од Саат кула до ОУ „Свети Климент Охридски“

– Изградба на Центар за спортови на вода
– Изградба на авантуристички (адреналински) паркови
Со овој проект на посебно избрани локации ќе се изградат повеќе авантуристички (адреналински0 паркови кои по примерот на развиените туристички дестинации во светот предвидува поставување опрема и реквизити за забава на посетителите од сите категории (zipline, ferata, висечки скали и патеки, качувачки карпи и сл.) и тоа амбиентално вметнати во самата локација и природа без да се нарушува автентичниот изглед.

– Изградба на вежбалиште за голф
Ќе служи за учење и усовршување на голф-техниките како неопходен чекор за совладување на основните правила и техники на голфот, како и место за рекреација на голем број граѓани и туристи. Локацијата ќе биде партерно уредено место и на неа ќе бидат поставени позиции и реквизити за учење и усовршување на голфот. Теренот ќе има свое кафуле и снек-бар како и продавница за голф-реквизити.

Тилевски додаде дека е убеден дека охриѓани ќе ја препознаат новата визија за новата ера за Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука