октомври 9, 2017

Охрид, 9. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Каков е како пријател, каков сосед е, што го прави среќен, каква музика слуша и за уште многу интересни теми. За СЕ` освен за политика разговараше денес Александра Алексијевска во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио со Јован Стојаноски, универзитетски професор, Доктор по Меѓународен туризам и Маркетинг менаџмент, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.Супер радио:

Што велат за Вас пријателите, каква личност сте?

Стојаноски: Со моите пријатели имам цврсти конекции. Она што не прави долгогодишни пријатели е тоа што секогаш се држиме еден до друг и си` помагаме колку што е можно.

Супер радио: Ги имате ли и какви се Вашите утрински ритуали?

Стојаноски: Пред да бидам кандидат за градоначалник првото утринско кафе ми беше многу порелаксиран чин, знаев денот да го почнам со кафе и опуштено да играм слагалица на компјутер. Сега агендата ми е понабиена и морам со утринското кафе да ги испланирам дневните обврски, кои се` местата кои треба да ги посетам, односно да ја склопам агендата која треба да ја реализирам за тековниот ден.

jovancorner2Супер радио: Дали секогаш сакавте да бидете универзитетски професор или мечтаевте и за некоја друга професија?

Стојаноски: Како млад човек многу е тешко да одредиш што сакаш да ти биде идната професија. Кога завршив факултет, сосема случајно испадна да се распише конкурс на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Се пријавив и еве веќе 22 години е детерминирана мојата кариера на Универзитетот.

Супер радио: Што е најважното на што Ве научи професијата?

Стојаноски: Секој универзитетски професор е воедно и научник и наставник. Како наставник мора да бидете и педагог, а како научник мора да бидете методолошки исправен и секогаш аргументиран врз основа на квантитативни податоци. Тоа е професија преку која ќе научите како подобро да разговарате и да ги исложувате своите ставови, да не се биде произволен, туку методолошки издржан, аргументиран и систематичен.

Супер радио: Имате ли разбирање од семејството поради набиената агенда и константниот недостиг на време во овој период?

Стојаноски: За разлика од претходно, кога не бев кандидат за градоначалник, имав многу слободно време, но во овој момент секој ден жалам што денот нема неколку часа плус, за да ги реализирам сите нешта што сум ги зацртал на агендата. Имам огромно разбирање од семејството и тие знаат, бидејќи и претходно сме разговарале што добиваме, а што губиме со мојата кандидатура за градоначалник.

jovancorner3Маичка за Стојаноски во чест на 25-тиот роденден на Супер радио

Супер радио:

Кој е Вашиот омилен специјалитет и умеете ли да зготвите нешто вкусно за да ја изненадите сопругата?

Стојаноски: Да готвам апсолутно не знам, а омилени ми се јадењата со месо. Би ги издвоил ќофтињата или печеното месо.

Супер радио: Имате ли некое хоби и со што се релаксирате?

Стојаноски: Во моментов немам време за хоби, инаку спортот ме релаксира. Од Европското првенство во кошарка ги гледав само последните минути од финалето. Порано знаев да не пропуштам натпревар, дури и сум патувал за да ги гледам во живо.

Супер радио: Ви се враќаат ли сеќавања од некогашниот ноќен живот во Охрид, можеби култната охридска Дискотека „Палас“? Кој артист би го слушале во секое време?

Стојаноски: Имав некои 15-16 години во тој период и како сите помлади во тоа време сум чекал на врата за да влезам.  Бевме млади, и поради тоа понекогаш не не пуштаа да влеземе. Роби Вилијамс има посебно место во мојот живот, веројатно поради двете години кои ги поминав во Стоук, неговиот роден град, би го слушал во секое време.
Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден во терминот од 12:00 до 14:00 часот во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука