Охрид, 9. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Минатата недела Атлетскиот клуб „Охрид“ прослави јубилеј, 40 години од своето постоење, а дека претстои светла иднина за најтрофејниот клуб говорат и резултатите кои ги постигнаа атлетичарките во Куманово.
Имено, вчера се одржа атлетскиот митинг „11-ти октомври“ во организација на Сојузот на спортови на Куманово и Атлетската федерација на Македонија, на кој охридските атлетичарки повторно го докажаа својот квалитет кој го поседуваат.
Марија Јованоска се закити со две први места, на 60 и 400 метри, Мартина Мироска освои две први места во дисциплините скок во далечина и фрлање ѓуле, Стефанија Ристеска беше втора на 400 метри, а учество зеде и атлетичарката Искра Маџоска.
Мошне интересен дел од овој митинг беше завршницата со фамилијарните штафети 3џ200 метри, во која учество земаат еден родител и две деца. Оваа година охридски претставници беа фамилијата Јованоски.
Покрај тоа во саботата наши претставници имаше и на Интенационалниот митинг „Лазо Милошевски“ во Скопје, на кој Мартина Мироска го освои првото место во дисциплината скок во далечина.
Сето ова е потврда дека пред АК „Охрид“ претстои светла иднина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: fb