октомври 10, 2017

Охрид, 10. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Основниот услов за спроведување на активности од областа на спортот, физичкото воспитување и рекреација, е постоењето на доволен број спортски објекти. Работата на спортските организации е невозможна, без адекватен спортски објект.

– За таа цел, создаваме модерен спортски комплекс во рамки на спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“ кој ќе опфаќа отворени и затворени спортски објекти, кои ќе бидат физичка, функционална и техничко-технолошка целина со сите потребни инсталации, реквизити и опрема наменети за различни спортски активности, порача на денешната прес конференција кандидатот за советник од СДСМ и коалицијата, Сашо Ставрески.

Тој додаде дека со вложувањето во модернизација на спортските објекти, се подобруваат условите за развој на спортот во Охрид, работењето на клубовите и развој на спортскиот туризам.

– Со создавање адекватна спортска инфраструктура, го остваруваме сонот на секој охриѓанец, покрај ракометот и кошарката, да имаме и други квалитетни екипи кои ќе бидат во врвот на македонскиот спорт. Дополнително, го зголемуваме бројот на домашни и странски екипи кои доаѓаат на подготовки во Охрид. Во спортот вложуваме и преку новите училишни спортски сали кои ги предвидуваме во основните училишта „Братство Единство“ во Лескајца, „Кочо Рацин“, потоа „Ванчо Николески“ во Лескоец и стручното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Правилниот раст и развој на децата преку спортување е од повеќекратно значење. Натпреварите на спортските училишни тимови во општински и регионални лиги, привлекуваат голем број деца да спортуваат и да изградат здрав дух и здраво тело. Со овие инвестиции, многу деца добиваат можност за секојдневни спортски активности. Организираме и месец на спортот кога спортските објекти низ градов, ги отвораат своите врати за бесплатно спортување на младите во текот на месецот на спорт, напомена Ставрески. (Крај)

извор: СДСМ фото: СДСМ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука