Охрид, 10. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Модерното време носи нови можности за промоција на кандидатите во изборните циклуси. Иако се` уште се користат традиционалните методи, сепак забележливо е се` поголемото користење и препознавање на моќта на интернетот, а особено на социјалните мрежи меѓу кои и најпопуларната – Facebook.Супер радио
и OhridPress направија мини-анализа на активноста на кандидатите на Facebook.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Д-р Митко Тилевски има страна на Facebook со 3.780 поддржувачи. Истата се ажурира редовно и по неколку пати на ден. Се следат сите активности на кандидатот, носителот на листата и советниците. Редовно се споделуваат и видео содржини и објави на локалните и државните медиуми за кандидатот и партијата. Содржините се објавуваат тековно и непосредно по одржаниот настан, заедно со текстот од прес конференцијата.
Страната на Facebook на кандидатот од редовите на СДСМ Проф. Д-р Јован Стојаноски има 3.170 поддржувачи. Со нови содржини се ажурира редовно и по неколку пати во 24 часа. Предност им се дава на видео содржините кои отскокнуваат по квалитетот. Редовно се следат активностите на кандидатот за градоначалник, советниците, а често и на подмладокот на партијата. Се објавуваат само кратки соопштенија од прес конференциите.
Независниот кандидат за градоначалник на Охрид Стевоски Стевче исто така има свој профил на Facebook. На него има 75 поддржувачи. Најчесто објавува промо фотографии и снимки од неговите гостувања на локалните и националните телевизии. Нема објавено јасна програма, туку само неколку тези и насоки за тоа како би се развивал градот, доколку охриѓани одлучат токму нему да му ја дадат довербата.
Напомена – податоците се од 10.10.2017 година во 17:20 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива