Охрид, 12. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Стевче Стевоски е дипломиран криминолог, отсек организиран криминал, вработен во СВР Охрид, денес независен кандидат за градоначалник на Охрид. Денес беше гостин во „Радио Корнер“ со Александра Алексијевска на Супер радио и зборувавме за се` освен за политика.Супер радио:
Пријателите и оние што Ве познаваат, што велат за Вас, каков сте по карактер?
Стевоски: Табиетот ми е поразличен од сите други. Се образовав во поранешна Југославија, во едно дуго време и тогашните стандарди беа многу поразлични од сегашните. Тогаш имаше ред и дициплина, се почитуваа начелата на хуманост, на љубов кон луѓето, но за жал денеска не стојат така работите. Јас и ден денеска ги почитувам тие начела. Сите треба меѓусебно да се почитуваме неависно од верската, националната, социјална припадност или било што друго. Мислам дека како таков ме доживуваат пријателите.
Супер радио: Како почнува еден Ваш обичен ден?
Стевоски: Ќе бидам искрен, имам многу добра жена, домаќинка и секое утро таа го прави првото утринско кафе кое го пиеме заедно. Благодарен и среќен сум што денот ми почнува со неа.
Супер радио: По потекло сте од селото Елшани, таму и живеете. Според Вас, предност или недостаток е да се живее вон градот?
Стевоски: Секој кој дошол еднаш во Елшани, повторно се вратил. Во Елшани има се што дал Бог и природата. Во Елшани имаме своја изворска вода, немаме проблеми околу водоводот, воздухот е чист, имаме здрава храна, зошто сами си ја произведуваме на своите мали, но добри имоти, живееме многу добро и најважното е што имаме мир во душата. Добро живеам во прекрасното Елшани.
Супер радио: По професија сте дипломиран криминолог. Што е најважното нешто на што Ве научила професијата?
Стевоски: Ќе мора да признам дека уште како мал, редот, дициплината и мирот ми биле најважни. Поради тоа отсекогаш имав желба да станам полицаец и да се борам против неправдите во општеството. Уште на почетокот на својата кариера сум се борел против криминалот и покрај тоа што не ми е вратено како сатисфакција во животот да напредувам во кариерата, но сепак сум среќан што и ден денеска сум дел од СВР Охрид.
Супер радио: Што Ве релаксира? Имате ли некое хоби?
Стевоски: Слободно време не можам да речам дека имам многу, ниту сега како кандидат за градоначалник, ниту претходно. Имам многу обврски, како на професионален, така и на семеен план. Живеењето во село носи многу обврски и мора да се работи. Од спортовите ги сакам кошарката и фудбалот, но и планинарењето.
Маичка за Стевоски во чест на 25-тиот роденден на Супер радио
Супер радио:
Што Ве прави среќен?
Стевоски: Ова е едно од потешките прашања, бидејќи денес е навистина тешко да си среќен човек. Како искрен човек ќе признам дека луѓето често имаат финансисики проблеми. Чесноста е таа која денес предизвикува финансиски проблеми. Јас сум таков, чесен човек и имам финансиски проблеми, но сепак сум среќен. Среќата доаѓа од тоа што и јас и семејстово сме пред се` живи и здрави.
Супер радио: Каква музика слушате и што по Ваш музички вкус би сакале да слушнете во „Радио Корнер“?
Стевоски: Ја сакам македонската музика и забавната и народната. Многу жалам за Тоше Проевски и многу други пејачи кои што веќе ги немаме. Би сакал да ги слушнеме Меморија со „Оган под ѕвездите“.
Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден во терминот од 12:00 до 14:00 часот во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес