Охрид, 13. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Водата за пиење од градскиот водовод е со добар квалитет и не се забележани штетни честички, покажале испитувањата на земените мостри од страна на Центарот за јавно здравје.
Она што и понатаму останува како проблем е водата од селските водоводи каде не се употребува средство за дезинфекција. 70% од водата е со добар квалитет, но во останатите 30% од кои се земени мостри не се користени средства за хлорирање на водата.
Првиот човек на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков апелира до оние кои водат грижа за селските водоводи да се обезбедат дезинфекциони средства, за да не се консумира нехлорирана вода.
Што се однесува до езерската вода, земените примероци од површинските води на брегот укажуваат дека водата микробиолошки е квалитетна, од прва и втора категорија долж крајбрежјето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива