Охрид, 14. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ започна предизборниот молк, во кој до утре во 07:00 часот, е забранета секаква изборна и партиска пропаганда.
Вкупно 1.814.644 гласачи ќе имаат можност утре од 07:00 до 19:00 часот да го дадат својот глас за идниот градоначалник и членовите на Советите на општините во кои живеат.
Во Охрид ќе се гласа на 88 избирачки места, кога според изводот од единствениот избирачки спосок ќе може да гласаат 52.833 граѓани. Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, професорот Јован Стојановски ќе биде под број 19, д-р Митко Тилевски предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е под број 13, а независниот кандидат за прв човек на Охрид, Стевче Стевоски го носи бројот 44. За Охрид беа поднесени и прифатени пет листи за советници. Носителите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги имаат истите редни броеви како и кандидатите за градоначалник, додека носителот од ДПА ќе биде под број 15, Коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, ќе бидат четврти, а носителот на независна советничка листа, Љупчо Настоски ќе биде под број 24.
Во текот на денешниот ден ќе гласаат лицата кои се во затвор и притвор, болните и изнемоштени лица.
Гласањето е непосредно и тајно, а за сите нерегуларности, граѓаните може да се обратат до Државната изборна комисија, невладината МОСТ, како и до Хелсиншкиот комитет на Република Македонија на претходно објавените контакт-податоци.
Секој граѓанин мора да се идентификува со личен документ – лична карта или пасош, да биде проверен со УВ лампа дали претходно гласал, а потоа да биде испрскан на дланката со UV спреј, по што ќе добие едно ливче, чиј број не смее да биде запишан каде било од страна на избирачкиот одбор, а потоа со заокружување на само еден број пред името на кандидатот или на листата на советници, да го искаже својот глас.
Изборите ќе се спроведат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Скопје. На шестите локални избори во независна Македонија учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи. Денес ќе гласаат болните и изнемоштени луѓе, затвореници и лицата во притвор.
Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29-ти октомври. Тогаш ќе се гласа само за двата најдобро пласирани кандидати за градоначалници од првиот круг во кој не е постигнат условот за јасна победа во првиот круг.
Изборите ќе ги следат 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Според податoците објавени на веб страницата на ДИК, од домашните, најголем број акредитирани набљудувачи има невладината организација МОСТ – 2.843.
Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР – 198, потоа Амбасадата на САД во Македонија – 33, Делегацијата на ЕУ – 23, како и Меѓународниот студиски центар за избори (IESC), со 18 набљудувачи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива