Охрид, 16. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започнува имунизацијата на граѓаните против сезонски грип.
Охридскиот Центар за јавно здравје има набавено 3000 вакцини за подрачјето што го покрива, односно Охрид, Струга и Дебар. Цената на вакцината е 400 денари, а имунизацијата ќе се врши секој работен ден во периодот од 8 до 14 часот, во епидемиолошкото одделение на Центарот.
Од оваа сезона новина е тоа што лицата кои не се во можност да дојдат во ова одделение, со претходно закажување на термин, ќе бидат посетени во нивните домови и таму ќе ја примаат вакцината.
Примањето вакцина е наменето главно за хронично болни лица, со намален имунитет и за здравствените работници. Лекарите велат дека е најдобро вакцината да се прими во овој период, односно пред почетокот на сезоната на грипови, за да може организмот навреме да развие имунитет.
Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива