Цирих, 16. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонската фудбалска репрезентација забележа голем скок на листата на ФИФА и на најновото издание се наоѓа на 85.место.
Ремито со Италија (1-1) во Торино, како и победата над Лихтенштајн (4-0) во Струмица, на „црвено-жолтите“ им донесоа скок од 18 позиции. Ова е најдобар пласман за Македонија на ФИФА-листата по август 2014 година, кога бевме рангирани на 76 место.
Од селекциите кои беа во нашата квалификациска група за СП 2018, Шпанија се наоѓа на осмото место, Италија е 15-та, Албанија падна за пет позиции и сега е на 71 место, додека Израел е 82, три позиции пред Македонија. Аутсајдерот Лихтенштајн се наоѓа на 187 место.
Меѓу најдобрите десет репрезентации, Германија е на врвот, пред Бразил, Португалија, Аргентина, Белгија, Полска, Франција, Шпанија, Чиле и пред Перу. (Крај)
извор:Екипа.мк фото: архива