Охрид, 18. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот ден се одбележува како Европскиот ден на борбата против трговијата со луѓе, а во одбележувањето се вклучува и охридскиот Црвен крст.
Вечерва од 20:00 часот во просториите на општинската организација ќе се одржат две работилници, информира Анета Јованоска, координатор во Црвен крст Охрид.
– Едната работилница е наменета за младинци, насловена е „Грозд“ и е замислена едноставно како бура на идеи поврзани со оваа тематика, да видиме колку се информирани. Во рамки на другата работилница ќе биде прикажан специјално направен филм со кој се опфатени три различни проблематики како може да се стане роб на трговија со луѓе, истакна Јованоска.
Трговијата со луѓе е вториот најголем извор на профит за организиран криминал по дрогата, предупредува Организацијата на Обединетите нации по повод денешниот ден.
Станува збор за модерно ропство, распространет криминал во светот кој ги загрозува основните човекови права. Последните податоци на Обединетите нации покажуваат дека повеќе од три четвртини од децата и младите лица, кои се обидуваат да мигрираат во Европа преку Средоземното Море, се жртви на трговија со луѓе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива