Охрид, 18. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од 3-ти до 9-ти октомври, 25 ученици од средното училиште од Апелдорн, Холандија заедно со нивните професори престојуваа во Охрид во посета на охридската гимназија.
– Посетата е во рамките на проектот за размена на ученици меѓу двете училишта, а во реализација на професорите од нашето училиште Вера Јовческа и Даниела Спироска. Соработката меѓу училиштата постои од 2014 година, првично како заедничка работа на проекти, за сега на иницијатива на училиштето од Апелдорн да премине на повисоко ниво. Гостите беа сместени кај своите пријатели, ученици од втора година, со кои веќе имаа воспоставено контакт. Восхитени беа од природните убавини, историските споменици и гостопримливоста. Возвратна посета на Холандија се планира за април 2018 година, информираат од гимназијата.
Додаваат дека ваквите размени се добредојдени за промоција на Охрид, на училиштето, како и размената на искуства за наставно-образовниот процес и дека проекти од овој тип исто така учат на толеранција и меѓусебно разбирање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива