октомври 18, 2017

Охрид, 18. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во првите девет месеци од оваа година, на подрачјето на Охрид, регистрирани се вкупно 43 казнени дела поврзани со семејното насилство.

Од нив 14 дела „телесна повреда при вршење семејно насилство“, 27 дела „загрозување на сигурноста“ и две казнени дела „противправно лишување од слобода“.

– Овие казнени дела се извршени од 43 сторители против кои се поднесени вкупно 41 кривична пријава. Регистрирани се вкупно 44 жртви на семејното насилство од кои најголемиот број се женски лица (сопруги, партнерки, мајки, баби). Во помал број случаи жртви се мажи (сопрузи, партнери). Од вкупно регистрираните казнени дела на семејно насилство, 40 се сторени со физичка сила или закана а во останатите случаи со употреба на нож, секира и сл. Семејните насилстав регистрирани во СВР Охрид, според оштетените најнапред започнуваат со жестоки вербални расправии со закани, прераснуваат во караници, физички напад од извршителот врз жртвата со удари со раце, ноsе, дрвен стап и други погодни предмети. Со тоа, сторителите предизвикуваат страв и несигурност кај оштетените но и повреди по телото поради што, жртвите најчесто завршуваат во општата болница во Охрид каде им се пружа неопходната медицинска помош. Семејното насилство најчесто се врши во семејниот дом (во поголем дел, извршителите се во алкохолизирана состојба) и во присуство на малолетни лица или други членови на семејството.  Во еден случај, 44 годишен охриѓанец кој упатувајќи сериозни закани по животот на неговиот 68 годишен татко, ги извадил сите алишта и во една од собите ги запалил, информираат одговорните.

Во текот на минатата година, во СВР Охрид биле пријавени вкупно 50 казнени дела поврзани со семејното насилство извршени од 52 сторители врз вкупно 51 жртва.

– Во сите пријавени казнени дела, СВР Охрид, во координација со Јавниот обвинител и надлежните служби од Центарот за социјални работи, веднаш упатила полициски службеници на местото на настанот, извршено е приведување на сторителот и поднесени се соодветни пријави. СВР Охрид, крајно професионално продолжува да работи на решавање на овие казнени дела но и превентивно, во соработка со невладини организации, да делува кон намалување и сузбивање на овој вид криминалитет, додаваат од секторот. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука