Охрид, 20. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Дебрца успеа, граѓаните на Дебрца покажаа дека слободата и демократија се најважна вредност во нашето општество, порача на денешното примопредавање на должноста новиот градоначалник на Дебрца Зоран Ногачески.
– Ви честитам на сите што се одваживте и гласавте за промени во нашата општина. Ви благодарам на сите кои го дадовте гласот за мене и за нашата советничка листа и со Вашиот глас ни дадовте можност да ја водиме општина Дебрца. Ни дадовте голема чест, но уште поголеми обврски и одговорности. Почит и кон оние кои не гласаа за мене, потполно го респектирам и нивното мислење. Ветив и ветувам дека ќе бидам Градоначалник за сите. Вратите на општината ќе бидат отворени за сите. Најавив ново време на одговорна, транспарентна услужна, правична, отворена општина-за сите граѓани и тоа ќе биде така. Ќе градиме една општина за сите. Нема повеќе да има делби по нација, вера и партија, ќе ставиме крај на секоја пизма меѓу граѓаните. Со силна верба, со неуморна работа и посветеност, верувам дека заеднички ќе напредуваме и заедно со сите граѓани, ќе ја реализираме нашата визија за Дебрца. Не чека многу работа, ќе ги засукаме ракавите и верувајте ќе успееме. Ќе се избориме за подобра и надежна Дебрца, во која искрено верувам, истакна Ногачески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива