Охрид, 23.октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за економија објави нов, втор повик за изготвување на проектни решенија за конзервација, санација и адаптација на старата скопска чаршија, како и чаршиите во Охрид, Струга и Битола.
Од проектантите се бара изработка на документација што ќе претходи на планираниот санационен зафат на дуќаните во овие чаршии. Во јавниот оглас се наведува дека е потребно да се изработат решенија за идниот изглед на излозите, натписите, настрешниците, ќепенците и евентуалното зеленило на дуќаните.
Од државниот буџет е проценето дека ќе се издвојат речиси пет милиони денари за неопходната документација. Заинтересираните субјекти ќе имаат рок до 9-ти ноември за да ги достават своите понуди до надлежното министерство.
Предметот на договорот е неделив, така што проектантите ќе треба да ги изготват решенијата за сите четири чаршии. Најповолниот понудувач ќе има рок од 60 дена за да ја испорача предвидената документација.
Проектот за санација, конзервација и адаптација на македонските чаршии има за цел да го врати изворниот лик на старите јадра во градовите. Првичниот тендер за изработка на проектните решенија беше распишан на крајот на август, но истиот заврши неуспешно. Од Министерството за економија пред десетина дена објавија дека тендерот е поништен поради различниот пристап во техничките и финансиските понуди. (Крај)
извор: build.mk фото: архива