Скопје/Охрид, 26. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за здравство ќе бара кривична одговорност за смртта на 2 годишното девојче кое почина во август во Охридската болница.
Тв Сител јави дека деновиве здравствени инспектори ги анализирале сите документи во однос на третманот на детето кај кое првично била дијагностицирана вироза. Сомнеж отворил обдукцискиот наод кој покажа дека девојчето починало од сепса.
Според неофицијалните информации на телевизијата, на пациентот не му била направена крвна слика. Од ресорното министерство потврдија дека за конкретниот случај се собираат информации и документи. Неизвесно е дали во истрагата ќе биде опфатено едно или повеќе лица кои тој ден биле на смена во болницата во Охрид.
– Откако ќе се комплетира целокупната документација, МЗ согласно законските надлежности ќе покрене конкретни дејства за евентуално санкционирање на одговорните лица во конкретниот случај, велат од Министерството за здравство. (Крај)
извор: Сител фото: архива