Охрид, 27. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска од 17:00 часот жителите на Горна Влашка маала ќе протестираат против поставување на базна станица за мобилна телефонија на приватна куќа.
Засега е поставена само конструкцијата. Минатата недела работници од операторот се обиделе да ја постават и антената, во што биле оневозможени од мештаните.
Претседателот на урбаната заедница Горна Влашка маала, Томислав Голејшки – Трпе, истакна дека протестот ќе биде против поставување на оваа базна станица која со негативно зрачење влијае на жителите на урбаната заедница, особено на над 1.500 млади кои престојуваат и учат во градинката и училиштето. Покрај отстранување на базната станица, тие ќе побараат и измена на законската регулатива за поставување на вакви станици во населено место.
Жителите разговарале со познавачи од областа на радиестезија и велат дека се работи за огромно зрачење коешто е многу штетно за децата и останатите жители на оваа маала.
Поддрша на иницијативата за непоставување на антена изразија и директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоноски и директорката на детската градинка, Розе Костеска.
Влашкамаалци велат никој не може да ги разубеди дека нема зрачење и децидни се дека нема да се откажат. Тие ги повикаа и градоначалникот, пратениците од Охрид и советниците да се приклучат на мирниот протест и да помогнат во решавање на овој проблем. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес