Охрид, 30. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Активистите на неформалната еколошка организација „Чист Охрид“ продолжуваат со активностите за чистење низ градот, овој пат со помош на претставници на новата локална самоуправа во Охрид.
– „Чист Охрид“ одржа акција околу зградите кај „Христо Узунов“. На локацијата имаше голема количина на отпад на повеќе места, вклучително и на тревниците околу зградите. Имаше очигледен недостаток од канти за отпадоци. Освен нашите волонтери, во акцијата учествуваа и други граѓани, меѓу кои имаше и претставници на локалната самоуправа. Нашата организација е задоволна од овој гест и се надева дека во најкраток можен рок на локално ниво ќе видиме промени што се однесува до справувањето со отпадот и заштитата на животната средина, како и подигнување на свеста на граѓаните, на што треба напорно да се работи. На акцијата беа собрани 12 вреќи најразличен отпад, најголем дел беа најлонските кеси кои наместо во садовите за смет, се нашле во нечиј тревник. Исто така би сакале да посочиме дека состојбата на локацијата на која се наоѓаат најблиските контејнери е алармантна, што може да се види и од фотографиите, велат од „Чист Охрид“.
Додаваат дека и преку оваа акција ќе се обидат да ја разбудат нашата свест за чиста и здрава животна околина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива