Охрид, 7. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најпозната туристичка, културна и духовна мека во земјава, Балканскиот Ерусалим, Охрид денес слави 73 години од ослободувањето.
Многу животи згаснаа во борбите за слобода на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор во 1944 година. Благодарение на нив Охрид денес е слободен град. Во рамки на свеченостите за одбележување на овој ден, во организација на Општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија се реализираат повеќе свечености и настани.
– 7-ми ноември е голем празник на Охрид. На овој ден е добиена слободата, најсветото нешто во животот на луѓето. Охрид од тој ден почнува да се развива во оној правец во којшто го имаме и денес, еден убав, светски позанат град, изјави за Супер радио и OhridPress градоначалникот Јован Стојаноски.
Денешниот ден е и патронен празник на ЈП „Охридски комуналец“. На свеченоста по тој повод, на двајца работници им беа доделени награди за нивната три децениска грижа за Охрид. Не е мала работа 30 години пожртвувано да се работи во тоа претпријатие кое е изглед на нашиот град, рече Стојаноски.
Во рамки на свеченостите беше положено свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци, Панихида пред споменикот на Јасна Ристеска. Во големата општинска сала се одржува Свечена културно-уметничка програма.
Во 13:00 часот свечено ќе биде предаден во употреба реновираниот објект „Развигорче“ на детската градинка „Јасна Ристеска“, која ќе го одбележи и својот патронен празник. Од 18:30 часот е закажан седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патчев“- Охрид.
Од 19:30 часот во просториите на ОУ „Христо Узунов“ ќе се одржи свеченост по повод воведувањето бесплатен курс за изучување на рускиот јазик, во соработка со Почесниот Конзулат на Руската Федерација во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес