ноември 8, 2017

Охрид, 8. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска на Факултетот за туризам и угостителство ќе се одржува неформална бесплатна обука за професионални готвачи.

Љубителите на добрата храна ќе навлезат во тајните на гастрономските специјалитети под водство на тренерот Никола Анѓелкоски, а обуката ќе трае до 28-ми ноември.

Обуката е во организација на Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) и охридскиот Факултет за туризам и угостителство, во насока на промоција на вработувањето во туристичкиот сектор.
Часовите ќе започнуваат од 14:00 часот, а ќе се одржуваат од понеделник до сабота, по осум академски часа дневно.

Учесниците ќе се запознаат со набавката и начинот на чување на намирниците, ќе изработуваат сопствени менија, ќе подготвуваат салати, сосови, топли и ладни предјадења од националната и интернационалната кујна, потоа подготовка на специјалитети од различни видови месо, риба и морска храна, а ќе има тренинг и за јадењата од италијанската кујна. Секако, незаобиколен дел од секој оброк е и десертот, па ќе има обука и за подготовка на слатки специјалитети.

Во текот на овие предавања учесниците ќе бидат обучени со сите процеси на готвење, комбинирање на храната, потребното време за подготовка на истата и слични тајни на кулинарството. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука