ноември 8, 2017

Охрид, 8. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Владата на вчерашната седница донесе одлука да се укине акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, која започна во 2008 година и се спроведуваше два пати годишно.

Владата притоа го задолжи ЈП „Македонки шуми“ да достави сеопфатна информација за ефектите од оваа акција низ годините и најавија дека во иднина активностите за пошумување ќе се реализираат со одобрена предлог програма за проширена репродукција на шумите на ЈП „Македонски шуми“.

Првичните анализи говорат дека на површина од 13.000 хектари биле засадени 35 милиони садници, а ефектот од нив е меѓу 0 и 15 отсто.

Оваа одлука на Владата наиде на добар прием кај граѓаните. Оние со кои поразговаравме се со став дека си има јавно претпријатие кое ќе си направи план како ќе се пошумуваат пределите каде е тоа потребно.

izvidnici_posumuvanje

– Идејата и самата акција беше добра. Се засадуваше, но ние никогаш не добивме конкретна информација дали некој се грижел за нив и колку од тие садници успеале.

– Доколку беше успешна акцијата, на многу места воздухот ќе беше почист. И уште ова, од една страна се садеше, но од друга се вршеше често пати неконтролирана сеча на дрва.

– Некој на ова гледаше само како на плус неработен ден. Но, всушност не беше ни тоа, бидејќи учениците на пример одеа органзирано на акции, пошумуваа, за на крај истиот ден да го одработуват во сабота.

Ова се дел од ставовите на охриѓани. Акцијата за пошумување во Охрид се реализираше на локалитетот „Мауцкер“.

Инаку, идејата за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ потекна од оперскиот пејач Борис Трајанов, кој поттикна проект за масовно засадување на голините и опустошените планини. Тогашната Влада го прифати предлогот и првата акција се реализира на 12-ти март 2008 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука