ноември 9, 2017

Охрид, 9. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за култура на Република Македонија, во партнерство со граѓанските здруженија „Култ -Транзен“ и „Јадро“, организира повеќе јавни расправи во градовите во земјава по предлог-стратегијата во културата 2018-2022. Меѓу градовите каде ќе се одржува јавна расправа е и Охрид.

Досега се реализирани три јавни расправи, а во Охрид ќе се дебатира на 23-ти ноември во хотелот „Нова Ривиера“ во 12:00 часот. Следниот ден ваква расправа ќе се одржи и во Струга.

„Култ-Транзен“ го реализира циклусот дебати со цел децентрализација на расправата по стратегијата со поддршка од проектот на УСАИД за граѓанско учество, а „Јадро“ за оваа цел е помогната од Фондацијата „Отворено општество Македонија“.

Дебатите се организираат во соработка со граѓански здруженија од самите градови, а на нив учествуваат и претставници од Министерството за култура, од работната група за стратегијата, од Советот за култура, од локалната самоуправа, како и претставници на локалната независна сцена, граѓанските здруженија и истакнати уметници и културни работници.

Интензивната јавна расправа со сите засегнати страни ќе се одвива до конечното усвојување на стратегијата на крајот од оваа година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука