Спорт

Вардар во Загреб по нова победа во Лигата на шампионите

Загреб, 11. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Европскиот шампион Вардар ги продолжува натпреварите од Лигата на шампионите, „црвено-црните“ вечерва му гостуваат на Загреб.

Вардар е фаворит против Загреб, но тоа е тимот кој му го нанесе првиот пораз на шампионот минатата сезона, па „црвено-црните“ знаат дека мора да одиграат максимално за да дојдат до целиот плен.

По шест одиграни кола Вардар е прв со пет победи и еден нерешен резултат, момците на Раул Гонзалез имаат намера да останат на врвот и по денешниот натпревар.

Тренерот нема проблеми со повредени ракометари, во Загреб отпатуваа сите вклучувајќи го и Рожерио Мораеш кој поради повреда пропушти неколку натпревари.

„Сега е слична ситуација како лани. одиме во Загреб како фаворити. Лани ние игравме добро 45 минути, имавме 5 гола, па загубивме. Треба да имаме почит кон ривалот, да играме 60 минути со мотив и концентрација. Знаеме дека ќе биде тешко, таму секогаш се игра со доста притисок. Сигурно дека салата ќе биде полна и нѐ очекува добра атмосфера. Само сакаме да се фокусираме на Загреб, зашто после имаме време да мислиме на следните ривали. Победа си е победа. Тоа е сега најважното“, вели Раул Гонзалес тренерот на Вардар.

Ова е втор натпревар на Вардар и Загреб оваа сезона во Лигата на шампионите, првиот го доби македонскиот тим со 28:21. Овие две екипи се сретнаа и во СЕХА лигата и тој меч се одигра во Скопје и му припадна на шампионот со 30:23.

Вечерашниот натпревар почнува од 20 часот со директен пренос на МТВ. (Крај)

извор: Мкд.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука