Охрид, 11. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од среда, 15-ти ноември 2017 година, почнува да важи обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15-ти март наредната година.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување за законските одредби кои треба да ги почитуваат возачите за управување со возило во зимски услови.
Користењето и носењето зимска опрема во возилата е пропишано во член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата согласно кој моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15-ти ноември до 15-ти март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. На секој возач кој постапува спротивно на одредбите од овој член од законот ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.
Според истиот член од ЗБСП, полициски службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави зимската опрема на возилото. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, апелира до возачите, да направат зимска проверка и подготовка на своето возило, навремено да ја обезбедат потребната зимска опрема и истата секогаш да ја носат во своето возило и правилно да ја користат, бидејки само на тој начин, ќе се овозможат услови за безбедно управување со возилото во зимски услови и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.
Што се подразбира под зимска опрема во возилата
Под зимска опрема за моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг, се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4х4), подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 мм) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 мм). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина. Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg, подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6 мм) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4 мм) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала, како и прирачен алат и лопата. Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. (Крај)
извор: А1Он фото: архива