ноември 13, 2017

Охрид, 13. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот поет Видое Видичевски е добитник на наградата „Книжевно жезло“, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности.

Заедно со Видичевски, наградата ја понесе и поетот од Романија, Ѓеорѓе Добре. Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централниот настан на Манифестацијата „Празник на липите“, во чии рамки е основана оваа награда. Друштвото на писателите на Македонија ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, романски и англиски јазик.

knizevno_zezlo2

Видое Видичевски е роден во Охрид, во 1931 година. Зад себе има богат и разновиден опус како поет, раскажувач и драмски автор. За своето творештво е добитник на низа признанија, меѓу кои наградата на РТС на Струшките вечери на поезијата, наградата за најдобра книга меѓу два саема, Седмоноемвриската награда на Охрид и наградата на „Дијалог“ за најдобра поетска книга во 2009 година.

Романскиот поет Ѓеорѓе Добре е роден во 1953 година во Рон Јоата, жупанија Јаломица. Главен уредник е на издавачката куќа „Хелис“ од Слобозија. Ѓеорѓе Добре е автор на 12 поетски книги. Член е на Сојузот на романските писатели и добитник на неколку национални награди. Ѓеорѓе Добре минатата година во Романија ја објави книгата „Тој човек иде од некаде“, во која со поезија се застапени 34 поети од Македонија во препев на Димо Димчев.(Крај)

извор: kultura.gov.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука