Охрид, 14. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против дијабетесот. Со шеќерната болест или како што се нарекува чума на модерното време во охридскиот Центар за дијабет се регистрирани 6 100 пациенти.
Од регистрираните заболени, над 600, односно 10% се со дијабет тип 1, а останатите се со дијабет тип 2, вели во изјава за Супер радио и OhridPress доктор Лилјана Ангелеска, специјалист интернист во Центарот за дијабетес во Охрид.
– Од бројката на регистрирани пациенти кај нас, 2 100 се на инсулинска терапија, додека останатите се на таблетарна терапија. Има и околу 1 000 пациенти кои сеуште не се регистрирани кај нас во Центарот за дијабет, туку сеуште се водат кај матичните лекари, вели д-р Ангелеска.
Загрижува фактот што бројката на заболени од година во година расте. За оваа болест нема возрасна граница, се зависи од начинот на исхрана, а се поголем е и бројот на млади кои заболуваат од дијабетес.
– Поголемиот дел од помладата популација кај кои е дијагностициран дијабет е од тип 2. Како најчеста причина за тоа е дебелината, рече д-р Ангелеска.
Како препораки и превентивни мерки таа ги потенцира движењето, физичката активност и консумирање храна повеќе пати во текот на денот, но во помали количини.
Дијабетесот е хронична болест која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот.
Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.
Има два типа дијабетес, тип 1 и тип 2. Дијабетесот од тип 1 е автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.
Дијабетесот од тип 2 е најчеста форма на болеста, која претежно ги афектира возрасните, но во последните години се јавува и кај тинејџерите и младите лица поради прекумерно зголемување на телесната тежина. Кај овој тип на дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или таа количина не е доволна за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.
Дијабетесот се јавува и кај бремените жени и тој тип е познат како гестациски дијабетес. Причината за појавата на дијабетесот лежи во тоа што за време на бременоста хормоните од плацентата ја блокираат активноста на инсулинот, а со тоа се спречува влезот на гликозата во клетките и расте нивото на гликозата во крвта.
Луѓето кои страдаат од дијабетес, независно од кој тип, имаат покачени вредности на гликоза затоа што нивниот организам не може да ја пренесе гликозата во клетките. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива