Охрид, 15. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот Јован Стојаноски и Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување на награди и признанија ги распишаа Конкурсите за наградата и повелбите – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ за 2017 година.
Наградата се доделува за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот.
Во пријавата треба да се достави кратка биографија и образложение за какви остварувања и придонес станува збор. Исто така, кон пријавата потребно е да се достави и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа за која се конкурира.
Наградата Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ се доделува на еден добитник само еднаш и истата не може да се дели меѓу повеќе добитници.
Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година.
Во пријавата треба да се достави: кратка биографија и образложение за какви остварувања се конкурира и најмалку барем една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа во која се конкурира.
Повелбата може да се додели максимум на пет добитници.
Право на учество на конкурсите, кои ќе бидат отворени до 30-ти ноември, имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци.
Пријавите да се достават во затворен плик на адреса: улица „Димитар Влахов“ бр.57, Комисија за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, со назнака за што се конкурира. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива