Охрид, 16. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 16 литри на метар квадратен наврнаа изминативе шест часа во поширокиот регион на Охрид.
Ако врнежите продолжат со очекуваниот интензитет, од УХМР предупредуваат дека во државата се можни излевања на малите водотеци, додека големите имаат капацитет да ги примат врнежите без да се излеат. Во текот на денот и особено во текот на ноќните часови во земјава ќе продолжи да преовладува облачно време проследено со врнежи од дожд, кои на места повторно ќе бидат обилни.
И покрај тоа што на поголемиот дел од реките низ земјата водостоите се` уште се доста ниски и се под просекот за овој период од годината, се очекува врнежите да предизвикаат натамошно зголемување на водостојот и да ги наполнат речните корита на водотеците низ Македонија.
– Под влијание на циклонска активност и утре ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд кои на повеќе места ќе бидат пообилни, особено во јужните делови, каде локално се очекува да наврнат над 40 л/м2. Во текот на денот врнежите ќе се преместуваат кон исток. Во сабота врнежите ќе бидат поумерени и претежно во источните делови, а во недела слаби и локални. Од понеделник со засилен северен ветер ќе има позначително заладување со врнежи од дожд и снег, информираат од УХМР Македонија. (Крај)
извор: УХМР фото: архива