ноември 17, 2017

Охрид, 17. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) –  Од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ на нивниот официјален профил на Facebook соопштија дека минатата сабота во реонот на селото Љубаништа била застрелана мечка со муниција за успивање, но таа потоа воопшто не се разбудила.

Според истиот извор, мечката била заглавена во стапица поради што била повикана ветеринарна екипа од Скопје да го ослободи животното. При обидот за ослободување на мечката, употребена била преголема доза за успивање и таа угинала.

– На локалното население не им било дозволено да се приближат до местото, кое го обезбедувале и припадници на Министерство за внатрешни работи. Употребена била муниција за зашеметување и успивање, но според нашите извори дозите биле преголеми, така што мечката воопшто не се разбудила. Според кажувањата на луѓето, ова бил втор ваков случај во Љубаништа. Ги повикуваме Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање, ЈУНП Галичица, да излезат со конкретни извештаи, да објават повеќе детали за настанот, и зошто веќе втор пат се случува ваква незгода. Ги повикуваме и МЕД/MES да го истражат случајот, со оглед дека ги следат состојбите со дивите животни на нашите планини. Дали се работи за нестручно постапување или за нешто друго? Недозволив е ваквиот однос. Доколку се утврдат неправилности во постапката, бараме и санкции, стои во реакцијата на Охрид ЅОЅ. (Крај)

извор: Охрид ЅОЅ фото: Охрид ЅОЅ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука