ноември 19, 2017

Охрид, 19. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид е меѓу 20-те локални самоуправи во државата со блокирани жиро сметки – нивните каси се празни, а долговите огромни.

Општина Охрид е рекордер во работење со блокирана сметка. Таа е блокирана од 2005 година, иако и претходно, од 2002 година, имала куси периоди на блокада. И во оваа општина секој нов градоначалник правел нови долгови и работел на реализација на нови проекти и  покрај блокадата на сметката. Градоначалник во периодот кога беше блокирана сметката беше Александар Петрески од СДСМ, кого по два мандати, во 2013 година го замени Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ, а на изборите од минатиот месец, за градоначалник на Охрид повторно е избран СДСМ-овец, Јован Стојановски.

– Општината прави длабинска анализа на долговите. Голем проблем во собирање на податоците ни се утужените решенија, ги има многу. Кога ќе ги собереме сите податоци јавно ќе ги презентираме, најави Стојановски.

Пред три години, кога на сметката на Општина Охрид пристигна долг од 1,5 милион евра за модернизација на системите за водоснабдување и отпадни води, општинскиот портпарол Охрид го претстави како најзадолжен град на Балканот со долг од 33 милиони евра. Дали и колку од овој долг е вратен во изминативе три години и дали Општината има нови задолжувања, градоначалникот Стојановски вели дека ќе покаже анализата којашто е во тек.

Согласно со евиденцијата на Министерството за финансии, по завршување на изборите, заклучно со 30.10.2017 година 20 општини имаат блокирани сметки. Под блокада се Зрновци, Пласница, Ресен, Делчево, Охрид, Струга, Пехчево, Куманово, Градско, Брвеница, Тетово, Ранковце, Сопиште, Берово, Карбинци, Старо Нагоричане, Неготино, Чашка, Долнени и Врапчиште. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука