ноември 23, 2017

Охрид, 23. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од Здружението на граѓани „Совест“ од Охрид испратија реакција по вчерашната изјава на поранешната директорка на Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид, Тања Паскали Бунташеска, која истакна дека „реконструкцијата на Али Пашината џамија се одвива законски и според проектната документација“.

– Ние како здружение никого не обвинивме, туку баравме одговори од сите институции инволвирани во овој случај, зошто не се почитуваат законите. Добро е што екс директорката сама кажува дека „заради неусогласеност на Законот за градба и Законот за заштита на културното наследатво, невозможно било Министерството за транспорт и врски да издаде одобрение за градење и затоа проектот се реализира со конзерваторско одобрение“. Тоа и ние како здружение го посочивме и нема потреба повторно да се надмудруваме со толкување на законот. Затоа, ги повикуваме Јавното обвинителство, Народниот правобранител и Државната Комисија за спречување на корупцијата, согласно законските норми и овластувања веднаш да реагираат и тие да дадат свое толкување, а согласно своите областувања и соодветно да реагираат, стои во дописот од „Совест“.

Додаваат дека како прилог кон успешно разрешување на целиот случај ги упатуваат посочените институции да ја проверат постапката и носењето на  Планот за интегрирана заштита на старото градско јадро кој го донесува Управниот Одбор на Заводот и музеј од Охрид, а кој произлегува од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука