Струга, 26. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е новиот претседател на Советот за развој на југозападниот плански регион.
Поддршка за Мерко во наредниве две години да биде на чело на Советот му дадоа сите 13 градоначалници од општините кои влегуваат во овој регион, истакнувајќи ги неговите заложби за поефикасна регионална политика во Македонија.
Заблагодарувајќи се на довербата, новиот претседател истакна дека нужно е доследно да се применуваат законските одредби, особено во делот на средствата што се издвојуваат за регионален развој.
– Согласно Законот за рамномерен регионален развој, на годишно ниво, проектирано е да се издвојуваат средства во висина од еден процент од БДП за проекти од регионален карактер, истакна Мерко. Но, сега наместо нив да ги менаџираат Советите и Центрите на ниво на плански регион, во голем дел се распределуваат преку линиските министерства, со напомена дека средствата се користат за решавање на проблеми од регионален карактер.
Градоначалниците не ги прифаќаат ваквите образложенија од централната власт и бараат доследно почитување на законските решенија. Во спротивно нагласуваат дека нема никаква иднина заложбата за надминување на регионалните диспаритети меѓу Скопскиот и останатите плански региони во земјава.
Според официјалните статистички показатели, 45,5 отсто од БДП се реализира во Скопје и неговата околина. Од останатите плански региони, најмало е учеството на Североисточниот со 4,5, а најголемо на Пелагонискиот плански регион со 12,5 насто. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива