Охрид, 27. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На две лица со посебни потреби од Охрид од денеска барем малку им е олеснето движењето низ градот. Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балканмедиа“ од Охрид, додели две инвалидски помагала.
Станува збор за електричен мотор и електрична количка и двете со сопствен погон. Вредноста на донацијата е околу 15 илјади евра. Овие специјални возила ќе им го направат животот полесен, рече претседателот на здружението, Сашо Денесоски.
– Денес усреќивме две семејства. Средствата ги обезбедивме ние како здружение, а со помош на здружението „Мобилност Македонија“, дознавме каде да ја насочиме донацијата,односно тие ни го дадоа списокот на лица кои најмногу имаат потреба од вакви помагала. Ова е прва ваква донација во Охрид од осамостојувањето до денес. Се надевам дека и другите здруженија, наши колеги и бизнисмени ќе најдат начин да помогнат на ова категорија на граѓани, да направиме една општествена инклузија, потенцира Денесоски.
Решенијата за донација ги додели лично градоначалникот Јован Стојаноски, кој изрази благодарност за ваквата помош и рече дека сега останува општината да ја реши пристапноста.
– Ние денес правиме еден мал чекор за луѓе кои имаат потешкотии во движењето и се надевам дека ова ќе му помогне, да може колку толку да функционираат понормално, рече Стојаноски.
Помагалата го добија Александар Котески и Равилко Тасески.
– Ова за мене значи многу, можам да појдам каде сакам, едноставно ми ги отвора вратите да одам напред. Досега за да се превезам најчесто користев такси или пак ми помагаа моите родители, а сега сум независен. Кај нас во Охрид автобускиот превоз е пречка за нас, нема рампа не можеме да го користиме, исто така не можеме да влеземе во општина или во полиција ако треба да извадиме некој документ, рече Котески.
Претседателот на здружението Денесоски за 15-ти декември најави нова донација во вредност од 150 илјади евра, која ќе се состои во пристапни рампи и други вакви наменски возила, кои ќе се доделуваат преку општина Охрид.
– Една рампа ќе ја подариме на општината и во одделот за лични карти и пасоши при МВР. Нашата стратегија е да помогнеме на оваа категорија лица ќе продолжи и во индина. Моментално работиме на уредување на училници за лица со посебни потреби, во кои ќе ги обучуваме за новинари или камермани. Тој проект ќе започе од следната година, вели Денесоски.
Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балканмедиа“ од Охрид работи веќе две години. Има реализирано една школа за лица со посебни потреби во медиумите, каде се обучени четири лица, од кој еден е веќе вработен. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес