Скопје, 28. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонската академија на науките и уметностите денеска ќе ја промовира книгата „Студии за охридскиот живопис“ VI том од Собраните дела на академик Цветан Грозданов.
Книгата е издание на „Матица македонска“ и МАНУ и ќе ја промовираат академиците Георги Старделов и Владо Камбовски.
На промоцијата ќе биде прикажан и филм на МРТ посветен на академик Грозданов: „Меѓу иконите и фреските“.
Академик Цветан Грозданов е роден во Охрид на 5-ти март 1936 година. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Белград, на групата за историја на уметноста. Специјализирал историја на византиската уметност во Париз. До пензионирањето, во 2001 година, бил редовен професор на скопскиот Филозофски факултет. Член е на МАНУ од 1991 година. Тој беше првиот министер за култура на Република Македонија и поранешен Претседател на Македонската академија на науките и уметностите, во периодот од 2004 до 2008 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива