ноември 29, 2017

Охрид, 29. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Четири дена не се доволно за да се осознаат културното и природното богатство на Македонија. Ова е мала земја и непозната за Франција. Среќни сме што случајно откривме земја што е богата со многу природа, планини, погодна за планинарење и нуди прекрасни видици, велат камперите од Франција, Кевин и Тифен, кои со своето комбе патуваат низ Европа.

Кевин и Тифен се кампери од Франција што патуваат низ Европа со своето куче Бидул. Патем навратија во Македонија. Спиеја неколку вечери во своето рачно редизајнирано камперско комбе-возило во Градскиот парк, ја посетија Матка, шетаа низ центарот на Скопје, се насладуваа со традиционалните македонски јадења. Ги почувствуваа убавините на Охрид, а уживаа и на крајбрежјето на Охридско Езеро и крстосуваа низ езерските води.

Импресионирани од природата на Македонија, за Нова Македонија велат дека повторно би дошле. Наредниот пат кога ќе дојдат задолжително ќе поминат подолго време во Македонија и ќе ги посетат Галичица, Преспа, Козјак, Битола, Дебар и Крушево.

– Во нашата агенда за патувањето не ја вклучивме Македонија, таа спонтано се наметна. Во Грција запознавме двојка од Белгија, која ни ја спомна вашата убава земја, па ја додадовме во нашата маршрута. Останавме четири дена. Посетата ја почнавме со манастирот „Свети Наум“ во Охрид. Па шетавме во националниот парк Маврово, потоа задолжително ни ја препорачаа Матка и со кајче бевме до пештерата Врело. Последниот ден го истражувавме Скопје. Четири дена не се доволно за да се осознаат културното и природното богатство на Македонија. Ова е мала земја и непозната за Франција. Не е дестинација што ти паѓа на ум додека го планираш следниот одмор, но зачудувачки е интересна и убава. Среќни сме што случајно откривме земја што е богата со многу природа, планини, погодна за планинарење и нуди прекрасни видици. Се изненадивме и од убавината на езерата. Охрид е вистинско копнено море. Запознавме многу љубезни и гостољубиви луѓе. Кога имавме проблем со возилото и неколкупати кога ни требаше насочување на патот, со задоволство ни помогнаа. А тоа, за жал, го нема во секоја земја, раскажуваат Кевин и Тифен.

Тие своите искуства од патувања ги споделуваат на нивната фејсбук-страница „Три венлајферс“. По студиите почнале да работат и изнајмиле стан заедно да живеат во Франција. За кратко сфатиле дека се несреќни.

– Ние сме авантуристи, сакаме да го откриваме светот, па решивме да купиме комбе и да ја освоиме Европа. Сакавме да бидеме слободни и да патуваме кога сакаме и каде сакаме. Ја одбравме Европа затоа што беше едноставна за нашето прво долго патување. Со француска лична карта не ни се потребни визи за патување низ Европа. Од Франција можевме слободно да патуваме кон Ирска, Велика Британија, односно Северна Ирска, Шкотска, Велс и Англија, а потоа во Јужна Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Грција и Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија и Италија, велат Французите, кои патуваат со комбе што сами си го редизајнирале.

Прво сакале да купат трејлер, но сите што ги гледале биле прескапи. На Инстаграм виделе многу ентузијасти, кои сами си го надградиле комбето, па си го направиле комбето од соништата, го приспособиле на своите потреби и финансии.

– Обожаваме кога можеме да се сместиме каде што ќе посакаме. Секое утро да се будиме на различни места и да го менуваме патувањето според нашите желби. Среќаваме и запознаваме различни луѓе. Секој ден ни започнува со прегратка со нашето куче и добар чај. Потоа го средуваме креветот, подготвуваме пикник и одиме на прошетка или планинарење. Потоа бараме ново место за преноќување. Ја сакаме дивината. Обожаваме кога ќе се сместиме во шума покрај река. Омилено јадење ни е компир со маслиново масло, зачин и црн пипер. И на крајот додаваме сирење. И во секоја земја го правиме истото тоа со различно сирење, раскажуваат Кевин и Тифен.

Најтешкиот дел од патувањето им се временските услови. Кога времето е променливо, им влијае на моралот. Такво било во Шкотска – дожд и ветар, постојано. И ништо не излегувало според планираното, затоа што живеат под отворено небо. Еден незаборавен момент им била и ноќта во Скопје, кога температурата не се спуштила под 30 степени. Немале со што да се освежат. Велат дека омилени места им се Ирска, Словенија и Црна Гора и, секако, Македонија.

– Ние сме љубители на природата, заштитени предели, и таму ја наоѓаме нашата среќа. Од сѐ што видовме не е лесно да се избере едно место, но еве ќе ја издвоиме реката Соча во Словенија. Обожаваме да откриваме нови места, невообичаени и непознати. Проблеми на патот се случуваат, но не нѐ обесхрабруваат. Само воочуваме дека сме способни за многу повеќе работи отколку што мислиме. Како на пример да се соочиме со напорна планинарска тура или да го поправиме комбето. Генерално одиме во национални паркови. Но од голема помош ни се социјалните мрежи. Често знаеме да ги прашаме нашите следбеници на Инстаграм кои места во одредени земји не смееме да ги пропуштиме. Затоа и се случува да ја промениме маршрутата откако ќе сретнеме инспиративни луѓе. А за преспивање имаме една апликација Park4night, која нуди места за преспивање, како кампови, паркинзи, отворени терени насекаде низ светот. Оваа алатка е наменета за патници. Му ја препорачуваме секому што сака да патува како нас, велат овие двајца авантуристи.

Откако почнале да патуваат, своите авантури ги споделуваат на социјалните мрежи. На Инстаграм има цела заедница на кампери, кои во секое време се подготвени да помогнат. Тука запознаваат кампери што и денес им се пријатели. Сега и тие ги споделуваат своите искуства, како маршрутата низ Шкотска, Германија, Австрија и Словенија.

За тоа како Бидул го прифатил предизвикот велат дека не било тешко да се навикне. Дури одлично се вклопил во сѐ.

– Тој прави сѐ што правиме ние. Возевме кајак со него, одиме на планинарење со него и кога возиме подолго време воопшто не му е проблем. Се вози со нас на предното седиште до прозорецот. Често знае да ја извади главата надвор и да подише свеж воздух кога ќе му стане топло. Тој е каприциозно куче. За да спие навечер, мора да е со нас. Но си има одредена негова страна од креветот. Одлично друштво е. Сите го сакаат, и возрасните и децата што ги среќаваме, ја завршуваат својата инспиративна приказна камперите од Франција. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука