Охрид, 29. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 26-ти овој месец, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје се одржа натпреварот „Ноември – месец на науката“, на кој учество зедоа пет ученици од охридската Гимназија.
Натпреварот оваа година се одржа во организација на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, во соработка со Македонското биолошко друштво, Друштвото на физичари, Македонското географско друштво, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво и Македонското еколошко друштво.
Во областа хемија, под менторство на професор Билјана Стевоска се претставија учениците Ана Филипче и Филип Николовски кои со својот експеримент прикажаа кристализација на натриум ацетат трихидрад и се здобија со трета награда.
Во областа физика пак, учествуваа ученичките Викторија Алексовска и Емилија Наумоска кои со демонстрација за визуелизација на звукот со помош на ласерска светлина ја добија првата награда.
Во истата категорија се натпреваруваше и ученичката Михаела Грозданова која со експериментот “Solar tracker” ја освои втората награда.
Освен со наградите кои се доказ дека трудот на професорите и учениците секогаш се исплаќа, од овој натпревар учениците се вратија со уште нешто многу поважно, а тоа е искуството, новите знаења и дружбата која ќе се памти уште долго. (Крај)
извор: gimnazijaohrid.edu.mk фото: gimnazijaohrid.edu.mk