Охрид, 1. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од Здружението „Совест“ преку допис до медиумите ги соопштуваат последните ставови во врска со спорното минаре на Алипашуната џамија во Охрид.
Соопштението Ви го пренесуваме во целост.
Ене ја среде Охридската чаршија. Над сто и пет години Алипашината џамија без минаре. Никој охриѓанец не ѝ го памти минарето. И затоа, меѓу другото, е објект од посебно културно значење. Џамија без минаре што јавнала црква и црква низ вековите пред тоа што јавнала базилика…
Несносливата леснотија на површноста како стил на живот, со „донаторско“ финансирање на свети објекти и „фондациско“ пишување на „независни“ сајтови само го дооцртува тлоцртот на македонската тиња во чиј безизлез колективно пропаѓаме. Има донации, значи допуштени легални далавери во име на бога или, има фондации – има процедурално фондациска демократија во државата што нејќеме да ни функционира. Така некако изгледа медиумската и граѓанска врева што ја создаде турската донација и нејзините резултати врз Алипашината џамија во Охрид, а што секојдневно и беспогрешно ја детектираат погледите на целата охридската чаршија.
Се разбира, писанијата на врзаните за фондациските јасли за сенешто имаат одговор, но скарани се понекогаш со категоријалните принципи на објектите како артефакти од посебна важност. Дали има искреност во нашево ангажирање, сами заклучете. Но таа сигурно не е помала од искреноста на донаторите и искреноста на фондациските писанија. И како што одат кај нас работите, ние со овој наш смешен и беспомошен чаршиски ангажман, се плашиме да не ги доинспирираме и охрабриме „донаторите“, „дежурните медиумско фондациските скротувачи“, Заводите и останатите стручни здруженија и специјалистите од оваа проблематика за нивни вакви слични нови „јунаштва“.
За да не се мачат „донаторите“ и „пишувачите“, еве ние сами од „Совест“, за почеток, ќе наведеме само три примери, наши свети објекти со кои секоја покултурна средина би се гордеела и стручно заштитени, бескрајно би ги експлоатирала. Читајте и не зашеметувајте се.
Дали може џамија со крст? Може. За нас охриѓани ништо ново, но за оние што помалку го знаат Охрид, во градот имаме и Крст џамија. Џамија врз црквата „Св. Недела“. Освен темелите и ѕидовите, на врвот, во полумесецот е опфатен крстот. На ниеден охриѓанец тоа не му пречи. Едноставно, таква е фактичката состојба во реалноста. Ајде со пари од донација да го извадиме крстот од челуста на полумесецот. Се разбира, никако. Го рушиме идентитетот на градбата.
Во Македонски Брод, каде што нема ниеден муслимански верник, има скромен свет објект кој од една страна е дервишко теќе, а од другата страна е црква. И на ниеден поречанец не му текнува на него да „интервенира“. Но тоа ништо не значи за интервенција со некоја „донација“ од страна.
Во Штип на Исарот има еден објект, света градба, од една страна е црква, од друга џамија. Па, како што кажуваат штипјани, постојано има тензии за клучот и катанецот. И едните и другите верници, едните на другите клучот не им го даваат и постојано катенецот го менуваат.
И така ќе остане… Кога се има само еден катанец, само една медиумска, идеолошка или света вистина. Само нашата. Тогаш има само еден влез во безизлезот, а нема излез. Затоа што на секој купен катанец иако во комплетот одат и два клуча, едниот никогаш не му го даваме на другиот, на друговерецот. Нашиот пекол не сме ние, велеше Сартр, нашиот пекол се другите. А ние? Ние не им го даваме клучот да излезат од таму.
Алипашината џамија без минаре во чаршијата во Охрид е од некој таков редок и посебен, верски недоисчистен тип на свети зданија, градби со видливи лузни од вековите на себе, на едно место домови на богови зграпчени и денес во смртна неделива прегратка, како во случајов, базиликата на древните лихниѓани, црквата „Св. Никола“ на старите охриѓани и Алипашината џамија врз нив без минаре на сегашниве муслимани охриѓани, во немуслиманско опкружување.
Логиката на верниците и верските организации отсекогаш е една и иста: да се понижи и порази друговерецот по секоја цена. Потребен е само „донатор“. Ја исполнуваат ли донациите својата хумана функција преку корумпирачките проекти врз светите објекти „со идентитетски лузни“?
Божјите градби ја имаат судбината на луѓето и ваквите начнати божји домови се магично битни и отрезнувачки за секого. Погледот врз нив и влегувањето во нив е посета на жив мегдан од различни богови сеуште в костец со неизвесен исход и судбина и градителскиот инженеринг врз нив за бришење на лузните по нарачка на верниците на еден од боговите, нужно ќе создаде поголеми лузни кај верниците на другиот бог.
Овие раритетни свети градби не спаѓаат, не треба да се поистоветуваат и не треба да се третираат со божјите домови кај нас постојано што се градат, и тој толку видлив и невкусен натпревар, особено последниве три – четири децении на трескавично ѕидање на верски објекти од двете најголеми конфесионални заедници не ни беше и не ние за машала. На секој чекор и од секој рид ги гледаме естетските дострели на божјите домови од различните богови. Веројатно идеалот на верските организации е на секој жител по еден божји храм.
Преголемата клерикализација на општеството, како што велеше Крлежа во жестоките меѓувоени полемики, кога-тогаш, ќе ни се удри од глава. Еве сведоци сме што се случува од таа преклеризација насекаде во светот и што се случи и со нас и кај нас. Затоа од оваа наша јужна клима од сеопшта врска преситеност е убаво да пркне движење за намалена општествена клерикализација. Охрид е идеален за тоа. Нашето здружение е како нарачано за тоа. Светот ќе не чуе. За да не ни се случи она што ни се случи.
Кај нас власта толку многу ја злоупотреби и религијата со подигањето на невкусни и многу пати непотребни верски градби и одбележја, што за долго време, секогаш и секој, и каде што треба и каде што не треба, тие факти ќе ти ги извади пред нос. Логиката на конфликтот владееше, но не е баш најточно дека православното население секаде и со воодушевување ги примаше верските кич подароци. Тие, верските објекти и денес народот и верниците тешко ги прифаќаат како домови на светото и тие, не се ни најмалку за споредба со старите објекти преполни од противречно неделива емотивност на вековната историја на верата во нашите краишта. И токму овој корумпирачки молкома план за багерска конзервација на Алипашината џамија во Охрид, по тајните и матни постапки од донирањето до тивко матното истуркување на градежниот процес до финалната булдожерска разрешница, заличува на градежните резултати од донациите од Крушоради, Лангобарди и Попадинци. Моменталните градежни работи врз Алипашината џамија во Охрид, во секој поглед, во сите одделни сегменти не се зафати на конзервација, (за нејзината конзервација нешто повеќе спомнавме во минатиот наш текст, „Конзервација или конфронтација?“) и не му ги продавајте барем на охриѓани вашите ветви аргументи. Конзервација постои, но на сите нивоа од структурите на коалиционите власти.
Нашите телефони ги слушате, нашите размислувања ги слушнавте, фондациските пишувачи, стручната јавност и властите знаат за што зборуваме и вам ви ги оставаме белите фигури на одлуката. Баравме и понудивме накаков излез, а знаеме дека двата клуча од катанецот се кај власта. По она како се работи, клучевите одамна ги имаат изгубено и одамна сите заедно заклучени, задушени за воздух како деновиве, Аргентинските морнари во подморницата на океанско дно, тропаме по некое морско суштество однадвор да ни отвори. Мафтаме, како да се поздравуваме и се запознаваме со оние морски суштества по некое време што ќе се гостат со нас. Од недораснатоста на севкупната средина, во која спаѓаме и ние, охриѓаните, со нашето нереагирање кон секојдневните предизвици за нивни решенија, дојдовме до состојба проблемите „да не изедат“ и нас и државата. Не, ние најмалку некому можеме да скроиме минаре. И не од триесет и два метри, ако сметате, нека биде и од шеесет и четири! И од нас, не плашете се. Спокоен ви коалициски сон. Па, само што за’рчевте…
Здружение на граѓани „СОВЕСТ“ – Охрид