декември 5, 2017

Охрид, 5. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид во рамки на проектот „Белчишко блато во нашите срца“ одржа работилница со локални чинители за изработка на план за зачувување на Белчишкото блато.

Проектот е финансиран од CRESSIDA и Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа, канцеларија во Скопје.

Целта на работилницата беше да се добијат сознанија преку специјално дизајниран прашалник за ставовите на месното население за идниот режим на заштита кој треба да го добие блатото како дел од европската мрежа на заштитени подрачја НАТУРА 2000.

GrasnicaCressida 1

На работилницата на која присуствуваше и градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, се одржа саем со традиционална храна од зедниците кои живеат во близина на блатото.
Од „Грашница“ велат дека во план е да бидат поставени две информативни табли со податоци за блатото во селата Ботун и Белчишта, потоа работилница за презентација и јавна дискусија за нацрт-планот за зачувување на Белчишкото блато како и прогласување Ден на Белчишкото блато.

GrasnicaCressida 3

Инаку, Белчишкото Блато попознато како Сини Вирој претставува редок и важен локалитет на национално и меѓународно ниво. Тоа е дел од националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување. Блатото е реликт од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебрца била поплавена во плиоценот (пред 5,3–1,8 милиони години). Блатото е специфично заради големите карстни извори, различните типови влажни живеалишта и особено поплавените евлови шуми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука