Охрид, 6. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Професор доктор Никола Бошале е годинашен добитник на највисокото општинско признание, наградата Патрон на градот – Св.Климент Охридски.
По конкурсот биле пристигнати шест апликации, но специјално формираната стручна комисија, по разгледување на пријавите констатирала дела пет предлози ги исполнуваат критериумите. Заедно со комисијата ги разгледавме и јас се согласив со комисијата добитник на највисокото општинско признание за оваа година да биде проф. д-р Никола Бошале. истакна градоначалникот Јован Стојаноски.
– Професорот е роден 1929 година, по образование доктор по социологија, но со негоивите истражувачки потфати навлегува длабоко во повеќе сфери и области како туризам, екологија, археологија, етнологија, архитектура, културна антропологија, а ги проширува своите сознанија изработувајќи комплексни анализи кои најчесто се однесуваат на Охрид. Живее на релација Охрид- Скопје, но секогаш негова вечна инспирација е Охрид. Тој секогаш ги возвеличува природните и културните богатства и вредности, а своите дела ги посветува на значењето на Св.Климент Охридски на Античкиот театар, Плаошник, традиционалната охридска архитектура, езерото, традиционалниот риболов, охридската резба и нејзиниот последен патрик Димче Јанко, на чалгиите, на градскиот стил именталитет на живеење. Воедно го обработува народното усно творештво, фолклорот, ликовното и литературното творештво поврзано со Охрид. Неговата трудољубивост и дарба ги забележува и анализира сите појави и промени, а секогаш е воден од исконската љубов и грижа за Охрид, потенцира Стојаноски.
Како што истакна градоначалникот, професорот е еден од најдобрите познавачи и хроничари на животот во Охрид, неговите дела се една убава промоција и популаризација на охридските непресушни разници, а неговото творештво треба да биде задолжителна лектира за секој охриѓанец, за да добие или да ги прошири своите сознанија за материјалното и духовното наследство на Охрид и да извлече поуки за сите вистински вредности на градов што треба грижливо да се чуваат и негуваат.
Највисокото општинско признание ќе биде доделена на свечената академија, што ќе се одржи во петок, во дијамантската сала на хотелот „Инекс Горица“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес