декември 7, 2017

Скопје, 7. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пет милиони денари од државниот буџет се издвоени за изработка на проектни решенија за конзервација, санација и адаптација на чаршиите во Охрид, Струга, Скопје и Битола.

– Проектната документација ќе ја изработи фирмата „Јорд ДООЕЛ“ од Скопје во рок од 60 дена од денот на потпишувањето на договорот. Министерството за економија го склучило договорот на 29-ти ноември, се наведува во податоците објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки. Во тендерската постапка учествувале вкупно 10 компании.

Во претстојните два месеца ќе се работи на решенијата за идниот изглед на излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и идното зеленило на дуќаните од македонските чаршии. Бројот на дуќани што ќе бидат опфатени ќе биде дополнително утврден. Проектната документација ќе се однесува првенствено на оние дуќани со деградирани излози, каде се применети несоодветни ПВЦ и алуминиумски материјали, несоодветни нови дрвени материјали или постојните материјали се дотраени.

Овој проект на Министерството за економија има за цел да го врати изворниот лик на старите градски јадра во Скопје, Битола, Струга и Охрид. Конструкцијата на идните излози во дуќаните би била од масивно дрво, кои ќе се вклопат во целокупниот амбиент на чаршијата. Тендерската постапка за изработка на проектната документација беше објавена кон крајот на октомври годинава. (Крај)

извор: build.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука