декември 8, 2017

Охрид, 8. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Членовите на Здружението за планинарење, велосипедизам и еко култура „ЗШ авантура“, предводени од познатиот радио и Тв водител Жанко ЗШ Голабоски, денес ќе се искачат до врвот на Галичица во знак на поддршка на малиот Јане Велковски.

Ова е само дел од активностите кои деновиве се реализираат во Охрид во знак на поддршка на малиот херој од скопската населба Хром кое боледува од спинална мускулна атрофија и кој е голем вљубеник во фудбалот. Неговата приказна веќе го обиколи целиот свет, а Јане доби поддршка од многу светски фудбалски ѕвезди: Фиго, Пандев, Елмас, Гомеш, а од Пол Погба доби покана да следи натпревар на „Манчестер Јунајтед“ во рамките на Лигата на шампионите. Жанко и неговите другари планинари од „ЗШ Авантура“ денеска ја реализираат акцијата „Планинариме за Јане“.

– Рано наутро тргнуваме од Охрид, Велестово. Ќе одиме до врвот на Галичица, Бугарска чука и назад до Велестово. Неколку години наназад соработуваме со Здружението за ретки болести и даваме наш придонес. Јане е вистински херој и заслужува сите да го поддржиме. Должина на турата е 23 километри, и трае седум часа. Би можеле да речеме дека е средно-тешка, вели Жанко.

Утре во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, со почеток во 11:30 часот ќе се одржи Хуманитарен турнир во ракомет и фудбал – Сите играме за Јане.

Во знак на поддршка на Јане ревијално ќе играат млади фудбалери и ракометари од Охрид, но и претставници на Локалната самоуправа, политичари, уметници, спортисти и други јавни личности. Во склоп на забавната и музичка програма ќе настапат: Ѓоко Танески, Ирма Гогова, Камелеон, Ивана Коскоска, Петар Маркоски, Стрезо Стаматоски и Никола Тодороски, а своја точка и придонес во оваа хумана мисија ќе дадат и танчерите од Студиото за танц „Соната“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес/Фактор.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука