Охрид, 9. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На Градскиот плоштад во Охрид денес ќе се одржи голем музички спектакл, хуманитарен Rock`N`Mob, односно Хуманитарна Рок Мобилизација на рокери.
Акијата ќе се одржи на иницијатива на младите од Клубот на млади при Црвен крст од Охрид, а во рамки на одбележувањето на патрониот празник на градот „Св. Климент“.
– Предвидено е овој настан да ги соедини на едно место локалните музичари, поединци и групи, професионалци и аматери, кои со своите музички инструменти и гласовни потенцијали ќе се обединат во хуманоста и заеднички ќе изведуваат светски познати музички нумери. Овој музички хепенинг се очекува да привлече бројни наши сограѓани и гости кои уживајќи во музичките изведби ќе можат и да запеат, но и да ја изразат својата хуманост донирајќи во собирните каси на Црвен крст – Охрид поставени на Градскиот плоштад, со што сите заеднички ќе овозможиме предстојните Новогодишни празници да бидат радост и за децата од социјално загрозените семејства и ранливите категории од Охрид и Дебрца. Настанот е целосно поддржан од официјалната Rock`N`Mob организација од Москва, Русија, информираат организаторите.
Додаваат дека во ритамот на хуманоста и предводени од охридските музички имиња: „Камелеон“, „The Backdoor Band“, Betty’s Boobs“ ќе уживаме во музичката магија и дека преку овој музички настан, прв од ваков вид на Балканот, ќе се овозможи уште една уникатна промоција на нашиот град. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива