Охрид, 12. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Се наближуваат новогодишните празници, кога на охридско – струшката ривиера се очекуваат голем број гости. Од Центарот за јавно здравје апелираат до сопствениците на хотели, ресторани, кафулиња, маркети на законската обврска за навремено вршење на: здравствено-хигиенски прегледи на вработените, дезинфекција, дезинсекција, дератизација на просториите во објектите.
– Здравствено-хигиенски прегледи на вработени кои оперираат со храна, пијалоци и слично се прави на секои 6 месеци), а на собарки на секои 12 месеци. Што се однесува до дезинфекција, дезинсекција, дератизација на просториите во објектите, тоа се прави на секои 6 месеци. Ние како Центар со своите човечки и технички капацитети сме подготвени да излеземе во пресрет на потребите и барањата, велат оттаму.
Потсетувањето е со цел да се намали ризикот, превенира и избегне појавата на инфекции и труења предизвикани од биолошки, хемиски или физички причинител, кои можат да предизвикаат штетни последици врз здравјето на луѓето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива