декември 12, 2017

Охрид, 12. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Иако беше најавено за средината на месецов, Охрид конечно, по долгогодишни најави, ќе добие јавни тоалети до крајот на годинава.

– Во моментов тоалетите се монтираат со целокупната опрема. Општините кои се партнери во проектот Охрид, Вевчани и Центар Жупа, ги подготвија локациите со соодветната инфраструктура, односно обезбедија водоводна, канализиациона мрежа и потребната електрична енергија, рече регионалниот координатор во Југозападниот плански регион, Стојан Савески.

Преку проектот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион за изработка, опремување и монтажа на санитарни контејнери, на две локации во Охрид ќе бидат поставени јавни тоалети.

– Едниот модул кај Т.Ц Амам ќе има три тоалети, за мажи,жени и лица со посебни потреби, додека оној кај Горна порта ќе биде со два тоалети, за мажи и жени кој ќе биде прилагоден и за лица со посебни потреби. Такви тоалети освен во Охрид, ќе бидат монтирани и во Вевчани и Центар Жупа, вели Савески.

Изведувач на работите е фирмата „Тане 2007“,а средствата во висина од 1.900 000 денари (со ДДВ) се обезбедени преку програмите за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука