декември 13, 2017

Охрид/Струга, 13. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Преку бесплатни психофизички вежби изработени специјално за повозрасни лица, предавања од областа на медицината и курсеви за приготвување здрава храна, до поголема социјална инклузија на старите лица.

Локалната агенција за развој од Струга, започна со спроведување на нов проект во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” финансиран од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст.

Целна група се возрасни лица над 60 години од општините Охрид и Струга, а предвидено е проектот да се реализира до мај 2018 година.

Голем дел од старите лица во Охрид се осамени бидејќи децата им се во странство и доаѓаат многу ретко. Според податоците на Државниот завод за статистика, Охрид е град со најголема стапка на иселување во Македонија.

Секојдневието на овие лица е исполнето со многу предизвици, бидејќи поради болест или изнемоштеност се ограничени во движењето. За многу од зависат од други луѓе, а не ретко се и жртви на семејно насилство каде им се одзема пензијата и тие немаат можност да управуваат сами со своите средства. Поради сето ова, голем дел од старите лица се повеќе се повлекуваат, се изолираат и се склони кон депресија покрај останатите здравствени проблеми кои ги имаат. А старите лица кои се во добра форма, најчесто не ги гледаат своите потреби туку се гледаат себеси како припомош на фамилијата додека се во состојба да помагаат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука