декември 18, 2017

Охрид, 18. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – За утре во охридскиот Основен суд е закажано продолжението на главната расправа во повторениот судски процес за убиството на младиот Димитар Матилоски.

Процесот ќе продолжи со распит на сведоците од страна на обвинителството.

По многу одложени рочишта, согласно одлуката на Кривичниот совет на охридскиот Основен суд од 16-ти ноември на Угреновиќ да му се суди во отсуство, продолжи повторениот судски процес.

Јавниот обвинител на минатото рочиште кажа дека останува на листата на докази во обвинителниот акт. Тој во воведниот говор потенцира дека ќе го уверат судот дека повредите врз Матилоски се нанесени со директни удари од обвинетиот, а фатален бил ударот што му го задал во долната уста, кај средишниот дел од брадата.

Според адвокатот Емил Балабан, бранител на Угреновиќ, обвинението е неосновано и смета дека со предложените докази ќе се утврди неоснованоста.

Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот на 27-ми јули беше пуштен на слобода.

Кривичниот совет потоа донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а во отсуство му беше одреден и нов притвор. Но, досега судот нема добиено известување од СВР Скопје дали Угреновиќ е пронајден. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука