декември 19, 2017

Скопје, 19. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со поставување скулптура на Охридска пастрмка во центарот на Скопје, активистите од „Урбани уметнички акции“ алармираат за исчезнувањето на пастрмката од настарото македонско езеро.

– Охридската пастрмка исчезнува пред нашите очи Охридската пастрмка (Salmo letnica, Karaman, 1924), нејзините подвидови како и автохтоната македонска пастрмка (Salmo macedonikus, Кaraman 1924) стануваат се` позагрозени и лесно може да се случи да исчезнат од водите во Македонија во нашиот животен век, објави www.radiomof.mk.

Се` поголемите гастрономски барања за овие исклучително квалитетни риби го разгоруваат криволовот и рибократството. Популациите на дива пастрмка во македонските води (Охридско Езеро, река Радика и нејзините притоки, реката Треска, езерата Маврово, Козјак и Шпиље) во последните години се десеткувани. Во Охрид се поретко се ловат полово зрели единки, а рибокрадците и концесионерите на пазарот пласираат полово незрели единки кои никогаш не се измрестиле. Состојбата е уште позагрижувачка бидејќи концесионерите (кои имаат дозволи за стопански риболов) ловат масивно над пропишаните квоти.

Порибувањето на подмладок од мрестилиштата за пастрмка за жал во најголем број случаи е сведено на трговија со фактури, а Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство никогаш не водело сериозна контрола дали количините на риба кои концестионерите ги прикажуваат дека се порибени се реални и вистински или само се водат на хартија, односно постојат само на лажирани фактури. Со ваков однос кон пастрмката голема е веројатноста и овие врсти на пастрмка да исчезнат во скоро време.

Колку за потсетување некогаш бројната врста на пастрмка наречена Главатица (Salmo marmoratus Cuvier, 1829) која до пред 40-тина години ги населувала долните теченија на Дрим, Дебарското Езеро и долниот тек на Радика денес е потполно исчезната. Затоа секогаш размислете пред да купите дива пастрмка. Со купувањето диви пастрмки директно ги подржувате рибокрадците и ги уништувате нејзините шанси за преживување! Размислете дека можеби токму вие ќе ја изедете и последната дива пастрмка. Вреди ли?“, прашуваат активистите. (Крај)

извор: www.radiomof.mk фото: www.radiomof.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука