Охрид, 25. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – СДС и понатаму продолжува со противзаконското работење, брутално го крши законот и врши криминал со незаконското разрешување и именување, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
– Советот на Општина Охрид, на седницата, одржана на 21-ви декември, спротивно на одредбите од „Законот за јавните претпријатија“ именуваше членови на Управните и Надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење на јавните претпријатија во Охрид: „Проаква“, „Нискоградба“, „Градски Пазар“, „Охридски Комуналец“, „Градски Гробишта“ и „Билјанини Извори“. Спротивно на одредбите од Законот, од страна на Советот на Општина Охрид, донесени се одлуки со кои се именувани лица за членови на Управни и Надзорни одбори на јавните претпријатија, кои не ги исполнуваат законските услови. Согласно „Законот за јавните претпријатија“, член 17 став 3 за претседател и член на управниот одбор и член 26 став 3 за член на надзорните одбори може да биде именувано лице кое покрај останатите треба да ги исполнува и следните услови: има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование, има минимум три години работно искуство, поседува еден меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години, има положено психолошки тест и тест за интегритет, реагираат од партијата.
Додаваат дека, имајќи го предвид претходното, Градоначалникот Јован Стојаноски, кој согласно член 50 од „Законот за локална самоуправа“ и член 30 од „Статутот на Општина Охрид“ има надлежност и обврска да ја контролира законитоста на прописите донесени од страна на Советот на општина Охрид, треба да одговори на следните прашања:
– Кој од новоизбраните членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во Охрид: поседува меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик и положен психолошки тест и тест за интегритет, согласно „Законот за јавните претпријатија“?
– Зошто се разрешени членовите на Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори’’ на кои не им беше истечен мандатот, а истите ги исполнуваат сите услови предвидени со Законот, а на нивно место се поставени лица кои не ги исполнуваат условите?
– Зошто градоначалникот Јован Стојаноски, согласно член 51 став 1 од „Законот за локална самоуправа“, иако знае дека Советот носи незаконски одлуки, со Решение не го запре нивното објавување во службен гласник на општина Охрид и дозволи истите да стапат на сила, порашуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
Споре нив, овој срамен скандал креиран од страна на СДС, мора да биде предмет на работа на надлежните судски органи.
– Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, јавно го повикува градоначалникот Јован Стојаноски веднаш да преземе мерки за ставање вонсила на донесените одлуки, а доколку тоа не се случи, ќе биде поднесена претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, кој е должен да донесе решение за запирање на примената на одлуките. Исто така ги повикуваме незаконски поставените членови на управни и надзорни одбори, кои лично сносат и кривична и материјална одговорност, да не се впуштаат во носење одлуки во рамките на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, имајќи го предвид фактот дека таквите одлуки се ништовни и истите по запирањето на примената на одлуките за нивен избор донесени од страна на Советот на Општина Охрид, нема да произведуваат никакво правно дејство.
Време е СДС преку Градоначалникот и нивните советници да почнат да ги применуваат законите и да престанат со нивно кршење и непочитување, нанесувајќи директна штета на Општина Охрид и јавните претпријатија, а индиректно и на охриѓани. Каде е транспарентноста? Се` што се прави задкулисно, брзо и преку ноќ, е скриено и незаконско работење. Незаконските дејствија се одвиваат преку делигитимирање на институциите и поставување на луѓе кои не ги исполнуваат сите услови предвидено со Закон. ВМРО-ДПМНЕ смета дека е најдобро незаконски именуваните и поставени лица во најкраток можен рок да си поднесат оставка. За вакво незаконско работење ќе има и мора да има индивидуална, правна и политичка одговорност, реагираат од партијата. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива