декември 30, 2017

Охрид, 30. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општинската каса за 2018 година ќе „тежи“ 1 007 597 123 денари.

Градските советници го изгласаа буџетот за следната година, кој е за околу 50 милиони денари помал од оној за 2017 година. За новиот буџет од локалната велат дека е реален и очекуваат висок процент на реализација во насока на задоволување на потребите на охриѓани.

Градоначалникот Јован Стојаноски подвлече дека буџетот ќе биде развоен кога ќе има сериозни проекти.

– Затекнавме ситуација во која немашме ниту еден единствен проект со кој можеме да креираме развој во општината. Но, во овие изминати  месеци, а и во наредните, задачата на администрацијата е да ги креира основните проекти со кои ќе имаме и точно буџетско планирање, но и аплицирање кон средствата кои се од централниот буџет и од меѓународни фондови, рече Стојаноски.

Советниците од опозицијата дојдоа на почетокот на седницата за да изразат незадоволство од проектираниот буџет, по што повторно ја бојкотираа работата на советот, поради продолжувањето на притворот на нивни пратеници за настаните од 27-ми април.

Претседателката на комисијата за туризам, Лидија Петкоска рече дека буџетот за туризам е намален за цели 12 500 000 денари.

lidijapetkoska

– Да ве потсетам дека туризмот е иднината на овој град. Тој значи континуирано отворање нови работни места и тргнувајќи од туризмот не гледам дека се прави било што за да се донесе ветниот живот во Охрид, рече Петкоска, по што заедно со советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија салата.

sovet2

Градоначалникот Стојаноски потенцира дека основниот буџет за туризам е ист како оној за 2017 година.

– Буџетот е номинално намален само за износот на проектните активности, само заради тоа што во минатиот период или се аплицирало, но сеуште немаме добиено одговор по аплицираните проекти од меѓународните фондови, или воопшто не се аплицирало кон одредени повици за добивање на средства. Втората компонента за номинално намалување е заради тоа што не се предвидени средства за субвенционирање, коишто беа составен дел на претходните буџети, рече Стојаноски.

jovanstojanoski

На последната седница на градскиот совет за оваа година беа изгласани предложените одлуки за усвојување на развојните  програми за 2018 година како и одлуките за тековно работење  и годишните планови  за вработување во охридските јавни претпријатија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука