Охрид, 30. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Христијан, Дејан и Јован се најбрзите Дедомразовци оваа година во рамките на првата ваква трка, која се одржа денес во Охрид во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“.
– Сакам да го поздравам овој навистина убав настан кој се одржува во нашиот град. Јас имам 18 години и на трката ме пријави мојата мајка. Сакам да ги поздравам одговорните во општината и град Охрид и порачувам овој настан да продолжи и во иднина, порача победникот на трката Христијан Јованоски, кој доби на подарок таблет компјутер.
Втората награда, мобилен телефон ја освои Дејан Ангелоски, а третата, вечера за двајца Јован Јованоски. На трката зедоа учество триесетина Дедомразовци од Охрид, а имавме и гости од Ресен и Битола. Сите тие ја истрчаа патеката од пред хотелот „City Palace“ до плоштадот. Стартот беше во 13:15 часот, а најдобрите освоија вредни награди: таблет, мобилен телефон и вечера за двајца во Пица ресторанот „Валентино“ во Охрид.
Пред самата трка се одржа и богата музичка програма во Центарот на градот, во посебно изработената куќичка со настапи на младите музички ѕвезди од детските фестивалчиња, и посебна програма на ученици од ОУ „Кочо Рацин“ од Охрид.
Дел од Дедомразовците на денешната трка, ја поминаа патеката во знак на поддршка на лицата со ретки болести.
Богатата програма и празничниот викенд направија Охрид деновиве да биде исполнет со гости до последното место. Ова е само дел од програмата за веселиот новогодишен викенд во Охрид. Повеќе за денешната програма ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива